Реконструкција и ревитализација на локален пат Ново Владевци-Сушево, изградба на дел од локален пат Чанаклија-Нова Маала и реконструкција и ревитализација на улица во Василево од пошта до црква. Со овие три проекти за подобрување на патната инфраструктура, во износ од над 30 милиони денари, општина Василево ќе аплицира за средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година.
Одлуката ја донесе Советот на општината, а градоначалникот Марјан Јанев ги информираше советниците за содржината на поднесените проекти.
Тој информираше дека општина Василево, преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во АФПЗРР ќе аплицира со уште еден проект за изградба на дел од локален пат село Добрашинци-Брана „Турија“ во должина од 1.000 метри, во вредност од 12 милиони денари.