Дезинформации и шпекулации во пресрет на референдумот

Од:

Со интензивирање на кампањата за претстојниот референдум за Договорот меѓу Македонија и Грција, се засилуваат и разни дезинформации и шпекулации.

Ден по отворениот ден на oбуката на копнените сили на САД на армискиот полигон „Криволак“, на социјалните мрежи се појавија информации дека на овој полигон ќе се користи муниција со осиромашен ураниум, која е опасна по здравјето на луѓето.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска веднаш излезе со најостар демант за овие информации, нарекувајќи ги лажни вести.

– Ноторните лаги никому не се од корист. Граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести во пресрет на претстојниот референдум и официјализирањето на членството во НАТО, напиша Шекеринска на својот профил на Фејсбук.

И Министерството за одбрана ги демантираше шпекулациите кои се споделуваат на социјалните мрежи дека на полигонот Криволак ќе се одвива гаѓање со бомби кои содржат осиромашен ураниум.

– Министерството за одбрана најодговорно тврди дека ниту сегашните, а ниту идните обуки и тренинзи на нашите партнери од НАТО на полигонот Криволак не се од било каква опасност по здравјето на граѓаните, ниту ќе се користат бомби со осиромашен ураниум, се наведува во реакцијата на МО.

Натаму се наведува дека „ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум“.

Во исто време, се интензивираат и шпекулациите и во однос на надворешната политика на земјава, поконкретно за неодамнешните препукувања во македонско-бугарските односи. Дојче веле во вчерашната анализа тврди дека обидите за создавање тензии меѓу Македонија и Бугарија имаат за цел да го блокираат патот на Скопје кон НАТО, а во полза на Русија.

Во анализата се вели дека се почнало од лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, која во изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев за македонскиот карактер за Илинденското востание видела голем скандал и ја повикала бугарската влада на остра реакција, а на крајот испратила и писмо до Европскиот Парламент. Топката ја презедоа и други проруски политичари и така таа најде свое место и во македонските медиуми, чии читатели ќе гласаат на крајот на септември, наведува ДВ.

– Доколку некој има интерес од разгорување на тензиите меѓу Бугарија и Македонија и со тоа да го спречи влезот на Скопје во НАТО и да го одложи почетокот на преговорите со ЕУ, тоа е Русија. Пред неколку недели Грција протера руски дипломати поради нивните обиди да го поткопаат договорот со Македонија и да испровоцираат протести. Заев соопшти за откриената шема за финансиско помагање на фудбалски навивачи во Македонија, кои требало да организираат немири против договорот со Атина, а парите доаѓале од руско-грчкиот милионер Иван Савидис, објавува Дојче веле во анализата на нивниот дописник од Софија, Иван Бедров насловена „Кој и зошто сака да ги скара Македонија и Бугарија?“

По потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција излегоа и најразлични информации околу неговата содржина. Противниците на договорот тврдат дека Македонците со него ќе го изгубат својот идентитет, додека Владата убедува оти со договорот напротив македонскиот идентитет се зацврстува, и оти повеќе нема да има пречки за стратешката цел на земјава а тоа е членството во евроатлантските структури.

Кампањата за претстојниот референдум, што ќе се одржи на 30 септемри, согласно законот почнува од денот на неговото распишување.

Засега активности поврзани со референдумот има само на социјалните мрежи, а Владата на седницата на почетокот на неделата донесе одлука да спроведе процес на планирана комунијација од јавен интерес, односно кампања за референдумот.

Владата ќе ја спроведе кампањата со цел да ги информира граѓаните околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Според истражувањето на МЦМС само три отсто од испитаниците потврдиле дека го прочитале Договорот со Грција, а и самиот Заев на одбележувањето на годишнината од Рамковниот договор порача дека целта е тој процент да достигне сто – сите да бидат информирани за договореното меѓу Македонија и Грција.

Министерствата и другите органи на државната управа имаат уште еден ден рок за да достават информации до Министерството за финансии за средствата што ги имаат на располагање, што би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.

Владиниот портпарол Муамет Хоџа најави дека на наредната владина седница ќе се донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена. Според него, тогаш ќе може и да се излезе со проекција колку пари ќе бидат одвоени за кампањата.

Во врска со досегашната кампања на Фејсбук страницата на премиерот Зоран Заев за референдумот, Хоџа рече дека се работи за потрошени средства до сто евра за јавно рекламирање на социјалната мрежа.

Нема забрани за тоа кој може да води камања за референдумот. Според одлуката на Државната изборна комисија, само Собранието како овластен предлагач има определено посебен простор за јавна пропаганда кој го обезбедуваат радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми. Согласно одлуката на ДИК останатите кои сакаат да учествуваат во кампањата, тоа може да го сторат по пазарни услови.

Би можело да ве интересира

На референдумот во Еквадор беа изгласани мерки за борба против криминалните банди

Ирска на референдумот одлучува за уставната идеја за семејството и улогата на жената во домот

Пет години од референдумот за Договорот со Грција

Словачкиот референдум не успеа поради слабата излезност

Џафери не ја добил референдумската иницијатива за францускиот предлог: Ќе ви кажам кога ќе одговорам

Кристијан Ландов

Нема да има референдум, Џафери го одби Мицкоски

Ана Ололовска