Производителите на слива од Пијанечко излегоа на протест

Од:

Наместо пред откупувачите, производителите на слива од Пијанечко денеска, својот род го донесоа пред општинската зграда во Делчево. После неколкуте јавни апели кои ги упатија до надлежните институции, а кои не вродија со плод, својот револт тие го искажаа со штрајк.

И покрај најавите за субвенционирање на откупот на модра слива, тие и понатаму се загрижени за годинашнава реколта која им скапува во овоштарниците. Посебно се загрижени поради тоа што годинава произвеле околу пет илјади тони слива за која, како што велат, крајна дестинација ќе и биде нивата.

– Ова е последен апел до Владата да преземе мерки, не само со овие стимулативни што денеска најавуваат дека ќе ги донесат на седница, тие не се доволни. Ние бараме свежата слива да биде откупувана по 10 денари плус три денари, а индустриската да биде по седум денари. Останува Владата да го реши случајот бидејќи ние не сме моќни сами. Ако не се случи ќе мора да радикализираме, да блокираме патишта или слично, вели Славчо Десподов, производител на сина слива.

На голем дел од овдешните овоштари сливите им се единствен извор на егзистенција, но годинава, иако после цели три години конечно имаат добар род, нема кој да им го откупи. Тие бараат поенергични и поконкретни мерки од државата. Атанас Ангеловски има произведено 300 тони сливи и вели дека со цената која им се нуди не можат ниту вложените пари да си ги вратат.

– Триста тони да произведеш треба и работа и финасии. Три години по ред мразови, сега и оваа ситуација. Сега ако не ја продадеме сливата до година нема ниту што да работиме. Тоа е, посочува Ангеловски.

Освен во Делчевско, без откуп ќе останат и околу четири илјади тони сливи од Берово и Пехчево, а како што велат производителите пласманот годинава е лош не само за сливата, туку и за вишните од кои 1.000 тони воопшто не се собрале од нивите. Од ресорното министерство вчера излегоа со нова мерка која предвидува по два денара субвенција за секој откупен килограм модри сливи, по цена не пониска од пет денари за индустриска, односно осум денари за свежа слива.

Би можело да ве интересира

Македонските јаболка најпогодени од руските санкции, неизвесен извозот и на праската и црешата

Ана Ололовска

Николовски од Ресен: Производителите на јаболка за прв пат оваа година ќе имаат две исплати за субвенции

А1он

Бавен откупот на преспанското јаболко, производителите бараат продолжување на субвенциите

Ана Ололовска

Ниските утрински температури предизвикаа штети кај овошките во Тиквешко

Ана Ололовска

Зголемување на органското производство кај житата, овошките и грозјето, драстичен пад кај индустриските култури

Ана Ололовска

Преспанските јаболкари добија поддршка од ресенскиот градоначалник во барањата околу цената

Жарко Настоски