ВИДЕО: Дијабетичарите приморани меѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи го нема во аптеките

Од:

На повидок е нова инсулинска криза во Република Македонија, дијабетичарите со месеци наназад маки мачат да дојдат до лекот од кој им зависи животот. Залихите треба да траат до ноември, но ние веќе се соочуваме со дефицит на инсулин. Дијабетичарите се приморани помеѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи не можат да го најдат во аптеките, вели за А1он, претседателката на Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, Рената Јакимовиќ.

– Има поплаки кои доаѓаат од целата држава дека нема инсулин. За жал во 21 век сме доведени лицата со дијабетес да немаат редовна достава на инсулин, односно не можат да го подигнат инсулинот од аптеките и сето тоа се должи на паралелниот увоз и нередовната достава на истиот. Тоа предизвикува огромен проблем кај лицата со дијабетес затоа што тие живеат од лекот и не смеат да се доведат до степен да отидат во инсулинската аптека и од таму да кажат дека нема инсулин, вели Јакимовиќ.

Лицата со дијабетес поради недостатокот на инсулин се принудени меѓусебе да си позајмуваат пенкала како би имале за целиот месец, а потоа кога ќе стигне редовната достава ги враќаат инсулините од каде што ги позајмиле, и така во круг.

-Дијабетичарите од целата држава контактираат меѓусебе преку социјалните мрежи и на тој начин си позајмуваат инсулин. Праќаме преку луѓе што ги знаеме или преку автобуси, нешто што во никој случај не смее да биде практика, а за нас тоа е секојдневие, вели Јакимовиќ.

Според претседателката на „Алегрија“ целиот проблем настанал пред неколку години со одлуката увозот на инсулин да се врши преку паралелен увоз. Како што вели таа, со паралелниот увоз компаниите кои го доставуваат увозот не можат да ги извршат набавките како што треба и веќе неколку години дијабетичарите се соочуваат со истиот проблем од енормни размери како за младите така и за постарите.

Покрај недостатокот со инсулин, дијабетичарите имаат уште еден, дополнителен проблем, а тоа е квалитетот на глукометрите со кои се мери висината на шеќерот во крвта. Јакимовиќ вели дека во Сојузот на здруженија на лица со дијабетес доста се дискутира околу квалитетот на глукометрите и останатите помагала. Како што вели, порано дијабетичарите користеле квалитетни глукометри, но квалитетот на сегашните глукометри кои одат преку Фондот за здравство е и те како под знак прашалник.

-Глукометрите кои сега се користат не ги задоволуваат последните ИСО стандарди. Нас денот ни зависи од таа бројка која ја гледаме во тој апарат и од круцијално значење е апаратите за мерење шеќер да бидат легитимни и да работат како што треба, рече Јакимовиќ.

Како главни виновници за лошите услови во кои живеат дијабетичарите, Јакимовиќ го посочи претходното раководство на министерството за Здравство, на чело со ексминистерот Никола Тодоров во чие време е распипшан тендерот за набавка на инсулин и глукометри.

-Секој тендер се распишува со рок на траење на две години, овој тендер кој што моментално трае е распишан пред две години што значи дека виновникот треба да го бараме кај оној кој го распишал тендерот, вели Јакимовиќ.

Таа истакна дека акутелнот тендер бил распишан така што сите ставки и критериуми за точност и квалитет на глукометрите и инсулините биле тргнати.

-Можам слободно да кажам дека буквално некој што прозиведува инсулин и глукометри во гаража можеа да поминат на тендерот, вели таа.

Од Сојузот на здруженија за лица со дијабетес, упатуваат апел надлежните институции, конкретно до Министерството за здравство и Националната дијабетес комисија да застанат на нивна страна и со набавка на квалтитетни инструменти и квалитетен инсулин да покажат дека се грижат за дијабетичарите затоа што, како што вели, од тој лек тие живеат.

-Сојузот на здруженија на лица со дијабетес со сите сили се труди да го решиме овој проблем на долгорочен план односно да ги превенираме овие проблеми кои ги имаме последните неколку години. Во меѓувреме си помагаме со тоа што си позајмуваме инсулин, па потоа го враќаме кога ќе дојде редовната достава и на тој начин се покриваме, нешто што го нема никаде во Европа, па ниту во Африка, доведени сме до тоа ниво да во едно демократска држава живееме на ваков начин, вели Јакимовиќ.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Оваа година е најтешка за нас велат дијабетичарите

Протест на здруженијата на дијабетичари: Да се смени моделот на набавки за да нема доцнења

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска