Грчката престолнина и денеска е без градски автобуси и тролејбуси заради учество на вработените во новиот 24-часовен штрајк, свикан од синдикалната федерација на транспортери против мерките за штедење, соопштуваат грчките медиуми.
Приградската железница и возовите на железничката компанија ОСЕ, исто така, нема да сообраќаат.
Фармерите и натаму со тракторите стојат по магистралните патишта низ земјата во очекување на решение за нивните барања.
Во 48-часовен штрајк од денеска влегуваат и вработените на бродовите. Службениците од Националната електрокомпанија ДЕИ, лекарите од државните болници и медицинските центри, исто така, штрајкуваат.
На иницијатива на Федерацијата на државни службеници АДЕДИ, државниот сектор ја запира работата од 12 часот на пладне до крајот на работниот ден.
Протестите во најголем дел се заради намалување на платите, што влезе во сила годинава.
Штедењето, што е планирано од официјална Атина, предизвика јавен гнев и редовни штрајкови.
Плановите за преструктурирање на здравствениот сектор ќе доведат до затворање на десетици одделенија и до намалување на платите за околу 20 проценти.
Властите, исто така, размислуваат да воведат нов план за бродското пловење, што предвидува затворање на маршрути и загуба на работни места.