Општина Неготино преку јавен оглас бара невработени лица за Програмата општинско корисна работа. Огласот е врз основа на договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РМ, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Неготино, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година усвоен од Владата на Република Македонија, Програмата Општинско – корисна работа финансирана од буџетот на Агенцијата за вработување на РМ.
– Станува збор за проектот „Продолжување на функционирањето на игралните во руралните средини и воведување на нови иновативни социјални услуги за деца со посебни потреби, вклучени во образовниот процес”. Се работи за работно ангажирање со скратено работно време за период од девет месеци, заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, појасни Методи Митрев, портпарол на општина Неготино.
Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во Програмата „Општинско-корисна работа“, ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 работни часови неделно. Притоа за време на работниот ангажман од девет месеци, статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман, ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.
За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени, се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000,00 денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување од случај на несреќа при работа и професионално заболување.