Француските вооружени сили брзо ќе го напуштат Мали, изјави францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус за францускиот весник “Паризиен”, во авионот кој го однесе на донаторската конференција во Адис Абеба (Етиопија).
– Брзото ослободување на Гао и Тимбукту беше дел од планот – рече Фабиус за “Паризиен”.
За време на донаторската конференција за Мали, која се одржа во вторникот во главниот град на Етиопија, Фабиус повтори дека Франција нема намера да остане постојано војно ангажирана во Мали и дека пред се на Африканците е да создадат безбедност на Африка.
На прашањето на “Паризиен” за евентуалната стратегија на џихадистите која се состои во криење за потоа подобро да се изврши контранапад, Фабиус рече дека многу од нив се убиени, како и дека се брои колку возила се уништени, што потоа се множи со бројот на војници кои веројатно се наоѓале во нив, со цел да се добие сигурна проценка.
Фабиус наведе дека терористите се дезорганизирани, многу погодени, како и дека знаат дека можат да им се прислушкуваат комуникациските средства, со што им се ограничува способноста да реагираат.
Франција вчера објави дека ќе обезбеди логистичка помош од вкупно 47 милиони евра за африканските сили во Мали и на армијата на Мали.