Петнаесет академски ликовни уметници учествуваат на традиционалната 44 меѓународна ликовна колонија „Куманово“ што се одржува во Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце.
Колонијата ја организираат Националната Установа Музеј и Општина Куманово.
– Уметниците ќе престојуваат до 11 август, а ќе работат сликарство во различни ликовни техники. За време на престојот, ќе се инспирираат од посетата на бројните културно-историски знаменитости и содржини во околината на општините Куманово и Старо Нагоричане, значајните археолошки наоѓалишта и недопрената природа, информираат од Уметничката галерија.
На годинашната колонија има уметници од Македонија – Симонида Филипова Китановска, Мирјана Крстева Массетти, Страхил Петровски, Марина Лешкова, Мирослав Величковски, Петра Јовановска, Стефан Анчевски, од Србија – Јована Колиќ, Миљан Миленковиќ, Ана Миљковиќ, Милена Лазаревиќи Милосав Урошевиќ, од Бугарија – Иван Чакаров, како и од Романија – Мануела Тодерас и Габриел Валериу Дима.
Интернационална по својот карактер и меѓу најстарите ликовни колонии во државава, „Куманово“ повеќе од четири децении се оддржува на различни локации, почнувајќи од манастирот Прохор Пчињски, манастирот во Матејче, а последниве години домаќин е Пелинце. Досега на Колонијата учествувале околу 500 уметници од светот кои оставиле преку 1.500 дела.
Овој проект е традиционално поддржан од Министерството за култура, Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.