Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ за А1он вели дека во ниту еден случај нема да се градат три 60-катници во населбата „Ново маало“ во Центар, до паркингот кај хотелот „Холидеј Ин“ кои ги најави Директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски.
– Немаат никакво одобрение, ниту пак побарале такво нешто. Тој детален план е под мораториум и се разгледува од страна на Комисијата за проверка на плановите која ќе направи корекција. Зградите најверојатно ќе бидат многу пониски, а дури некоја може да биде и избришана, зависи како ќе одлучи комисијата, рече Богдановиќ.
Градоначалникот на Општина Центар вели дека за да дојде до промена на планот, треба да се направи нов, кој очекува да биде готов во наредните месеци.
Остра реакција на планот за изградба на три 60 катници кај „Хоилдеј Ин“ има и од дел од советниците во Град Скопје. Советникот Васко Лазаревски за А1он и „Макфакс“ вели дека лично ќе се залага овој план да не биде остварен.
– Јас планирам да направам се што е во моја моќ да не се изградат зградите. Со кого се договарале не знам, што е до мене нема да помине ниту едно решение со кое ќе се загуши Скопје. „Ново маало“ мора да се среди, нема вода, нема канализација, но ова не е решение, 60 катниците се проект на Груевски кој не смее да биде реализиран, вели Лазаревски.
Тој истакна дека Град Скопје има тенденција да ангажира архитекти од Асоцијација на архитекти за сите градби се со цел да се „растовари“ јужниот дел од градот и да се гради на северните делови.
Виктор Јованов