Десет кривични дела од областа на организираниот криминал или 6 помалку од претходната 2011-та година биле откриени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи во текот на 2012 -та година, информираше портпарол СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Во овие дела, подвлече тој, вкупно биле вклучени 12 сторители и тоа 10 во Тетово и 2-ца во Гостивар, против кои се поднесени 6 кривични пријави, за Тетово 4 и за Гостивар 2. Седум од овие дела се фалсификување пари, а останатите три се изнуда, противзаконито посредување и примање поткуп.
Од фалсификуваните пари пронајдени и пријавени лани биле 4 банкноти од 100 американски долари, две банкноти од 100 евра, но поединци подметнале и фалсификувани банкноти од 50, 500 евра, па дури и од 50 денари. Банкнотите биле со различен квалитет, но имало и такви кои на прв поглед можеле да се забележат дека не се оргинални, па и покрај тоа им биле подметнати на продавачите.
– За разлика од пред неколку години, лани и годината пред тоа значително е намален бројот на случаите со пуштање во промет на фалсификувани банкноти и особено на банкноти со поголема сума, изјави Јосифовски.
Сепак, Јосифовски апелираше до граѓаните да бидат крајно внимателни кога ги примаат различните банкноти, особено девизните и пред се на пазарите.