Манчестер Јунајтед забележа победа од 2:1 над Реал Мадрид во средба од Интернационалниот Куп на Шампионите, која се игра во Мајами. Мечот беше деби за новиот тренер на „кралевите“ Хулен Лопетеги.
Во почетниот состав на „кралевите“ имаше неколку млади играчи, а во тимот недостигаа некои основни фигури, како капитенот Серхио Рамос.
„Црвените ѓаволи“ го започнаа натпреварот многу подобро и во 18 минута тие водеа откако Санчез постигна убав гол по пас на Дармијан и не му даде шанса на противничкиот голман.
Во 27-та минута, тимот на Жозе Мурињо ја удвои својата предност по гол на Андер Ерера. Алексис симна една топка со глава за Шпанецот, кој ја искористи и по одличен удар ја зголеми предноста на својот тим.
Сепак во самиот крај на полувремето „кралевите“ го намалија водството преку Бензема, откако Французинот пресретна центрирање на Ернандез.
По паузата, двата тима создадоа шанси, но немаше повеќе голови.