Културната манифестација „Дојрански ракувања“, која се одржува од далечната 1976 година, во јули стартуваше со разновидни културно-уметнички содржини, но за август се најавува особено богата програма.
На отворената сцена под јаворите, досега се одржаа неколку интересни концерти, „Зумба Зумба на плажа“ и детската претстава „Принцот Жаба“ на театарот Крик, но од општина Дојран која е покровител на манифестацијата денеска најавија дека особено богата и разновидна е августовската програма на манифестацијата.
– Вечер на плоштадот под јаворите, во рамки на августовската програма, концерт ќе одржат „Академци“ со Добрила Чабриќ, а утре на Илинден точно на пладне на отворената сцена ќе настапи Јордан Митев. На 3 и 4 август во Дојран ќе гостува театарот „Колозови“ со претставата „Итриот и заводливиот“, а вечерта на 4 август ќе се одржи саботна хумористична вечер со „Хихирику“, најавија покровителите.
Со репрезентативна музичка програма „Фестивалот на рибата и виното“ ќе стартува во петок, на 10 август со концерт на Влатко Стефановски и на „Тумбао Салса“. На 11 август ќе настапат „Љубојна“ и „Шајн“ а последниот ден од фестивалот ќе го одбележат настапите на „Џубокс Бенд“ и „Тајзи“.