Главниот шпиц на туристичката сезона за илинденските празници во Охрид секоја година носи бројни светски имиња од музичката и сценската уметност. И оваа година забавата во градот ќе мине во знакот на концертите и забавните содржини што ги нудат фестивалите „Ohrid calling“ и „Охридско лето“, како и настапите на познати музички ѕвезди од регионот и секако звучни имиња од домашната сцена.
Како настан што се очекува да привлече најголем број гости од земјава и странство се концертите во рамки на „Ohrid calling“ и концертите на светски познатите диџеи Dimitri Vegas & Like Mike на 1 август, Jax Jones & Roger Sanchez на втори и ветеранот Armin van Buuren на 4 август.
Денис Илиоски од продукцијата „Авалон“ рече дека се работи за елита на актуелната електронска музичка сцена во глобални рамки, за што потврда се резервации за концертите на поединци и групи гости не само од регионот, туку и од повеќе западноевропски центри каде се врши понуда за билети за настанот. За годинашното издание на „Ohrid calling“ билети првпат се продаваат и преку европскиот сервис на „Eventim“, со забележителна побарувачка во Англија, Италија, Холандија, Белгија…
– Со „Ohrid calling“ Македонија, но и регионот веќе добиваат настан на кој многу познати туристички центри можат да позавидат. Секако, тука е од огромна важност поддршката што ја има фестивалот од спонзорите и Општина Охрид, рече Илиоски.
Илија Пиперкоски во име на Општина Охрид, која е логистички поддржувач на фестивалот, рече дека дел од активностите на локалната самоуправа за привлекување што поголем број гости била насочена токму преку организирање музички настани за сите вкусови и генерации.
– Радува фактот што во Охрид гостуваат едни од најголемите ѕвезди во светски рамки. И во иднина ќе работиме во насока на продолжување на туристичката сезона, со организирање настани и содржини надвор од шпицот, рече тој притоа повикувајќи ги граѓаните, хотелиерите и угостителите и сите субјекти со своето однесување да придонесат Охрид да го оправда епитетот најпозната туристичка дестинација во земјата.
Покрај концертите во рамки на „Ohrid calling“, за празничните денови кога покрај посетеноста Охрид ја достигнува и кулминацијата во бројот понудени културно-забавни содржини на гостите на понуда за забава им се и закажаните настапи на Марија Шерифовиќ, „Галија“, концертот на „Синтезис“ за роденденот на „Охридско лето“ на 4 август, како и концертите на Влатко Стефаноски, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Владимир Четкар и други.