Жените кои протестираат на плоштадот Тахрир во Каиро, Египет, се повеќе стравуваат од сексуални напади. На прославата во петокот, за 2-годишнината од револуцијата која го тргна од власт претседателот Хосни Мубарак кога се собраа 10 илјади луѓе, беа пријавени 19 сексуални напади.
Група под името Операција Антисексуална злоупотреба вели дека интервенирала во 15 сексуални напади.
– Овие напади претставуваат вознемирувачко зголемување на насилство кон жените на плоштадот Тахрир во однос на бројот на инциденти и екстремноста на насилство на протестите, вели групата во соопштението за јавноста.
Организацијата вели дека некои од нападите биле заканувачки со смрт каде напаѓачите употребувале ножеви или други оружја. Покрај тоа, некои од членовите на групата биле нападните кога се обидувале да ги спасат жените.
Нави Пилеј, комесарката за човекови права при Обединети нации, го повика египетскиот претседател Мохамед Морси да преземе нешто околу нападите и насилството кон демонстраторите.
– Не е прифатливо и е прекршување на одговорност доколку не се преземе нешто кога протестантите се нападнати од разбојници и кога жените се силувани и сексуално напаѓани, вели Пилеј во пишана изјава.
Портпаролот на Министерството за здравство, Калед Ел Катиб, рече дека за време на протестите на плоштадот Тахрир, најмалку 29 граѓани биле лекувани за исекотини, скршени коски и повреди од огнени оружја.