Временските прилики одамна се сметаат за можни причини за нападите на мигрена, но една нова американска студија, по првпат ги доведе громовите во врска со тој вид тешка главоболка, од која страдаат милиони луѓе ширум светот.
Истражувачите од Универзитетот Синсинати, имено, утврдиле дека луѓето 28 отсто се поподложи на нападите на мигрена оние денови кога грми до 40 километри далеку од нивниот дом.
Мигрените се силни главоболки, кои понекогаш ги следат и чувствителност на светлост, визуелни халуцинации и мачнина. Во состојба се повеќе часови, понекогаш и денови, да го онеспособат човекот за нормален живот.
Од овие главоболки страдаат повеќе жените отколку мажите, а се смета и дека може да биде предизвикана од стрес, недостиг на сон или дехидрација. Доведени се во врска и со временските прилики како што се високиот атмосферски притисок, високите температури и зголемената влажност, но никогаш досега и со громовите.
Тимот од Синсинати ги споредил податоците од сензорите кои го регистрирале точното време и место на појава на громови околу нивниот град, како и околу Сент Луис (Мисури), и во истиот период и дневниците кои ги воделе 90 пациенти од 18 до 65 години старост, во кои воделе евиденција на напади на главоболка.
Се утврдило дека појавата на громови во радиус од 40 километри ја зголемува веројатноста на појава на главоболки за 31 отсто, а на мигрени за 28 отсто.
Винсент Мартин, еден од лидерите на истражувањето, појаснува дека причините за мигрените можат да бидат електромагнетните бранови или зголеменото ниво на озон, кое настапува при удар на гром.
Другото можно објаснување е зголемата концентрација на алергенски спори во воздухот, како последица на ударот на гром, што може да биде причина за појава на мигрена.
Тимот од Синсинати сепак напоменува дека се уште не може со сигурност да се тврди дека токму молњите се предизвикувачи на мигрена, иако во своето истражување користеле компјутерски модел со кое биле опфатени и други метеоролошки промени до кои доаѓа при невреме со грмотевици.