Гацева: Не е едноставно да се вброите меѓу уметниците на „Охридско лето“

Од:

Во црквата „Света Софија“ во Охрид, синоќа се одржа уште еден празник на уметноста што ќе се вброи во фестивалската историја на „Охридско лето“. Извонредните македонски пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева и’ приредија на публиката незаборавен концерт со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати.

-Мислам дека имавме убава вечер според реакциите на публиката. Ја чувствувавме нивната извонредна енергија којашто од дело во дело нè поддржуваше и се чувствуваше тој флуид. Аплаузите на крај, бисовите и на некој начин вознесеноста, ја потврдува мојата мисла, но и мислата на мојата колешка, вели уметницата Ана Гацева.

Таа не настапува првпат на „Охридско лето“, и како што додава, секое нејзино музицирање во „Света Софија“, е посебна инспирација.

– Не е едноставно да се вброите меѓу уметниците на „Охридско лето“. Тоа треба да се заслужи, треба да се одработи и да се музицира на највисоко можно ниво. Затоа и поттикот е многу голем-да стоите рамо до рамо со сите овие уметници кои годинава се најдоа на програмата на „Охридско лето“. Мислам дека до крајот на фестивалот ќе имаме врвна програма благодарение на селекторите и на фестивалската дирекција, вели пијанистката Гацева.

За разликата помеѓу соло настапите и камерното музицирање таа смета дека е многу голема.

– За да се адаптира музичарот во симбиоза со друг уметник, треба да размислува поинаку. Да го заборави своето јас и во името на уметноста да се спои во нешто повисоко и поубаво. Тоа е камерното музицирање, смета Гацева.

Двете пијанистки потекнуваат од една пијаниатичка школа а тоа се чувствуваше и синоќа, во звукот и во третманот на пијаното.

Маестралните Татјана Џорлева и Ана Гацева на вчерашниот концерт настапија со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати, програма која што е доволно сериозна како што наликува на фестивалот „Охридско лето“, но и еднакво атрактивна за да ја привлече публиката, оние коишто се професионални, но и тие што беа во црквата „Света Софија“ заради уметничко задоволство.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма