Британскиот референдум за членство во ЕУ беше легално демократско изјаснување, изјави денеска портпаролот на британската премиерка Тереза меј, откако официјално регистрирана група на приврзаници на Брегзит беше казнета за нарушување на финансиските правила на кампањата.
Британската група, која официјално агитираше во корист на Брегзит – Vote Leave (Гласајте за напуштање), е казнета со 61.000 фунти (80.843 долари) за прекршување на изборниот закон, соопшти денеска Изборната комисија.
– Ние јасно велиме дека тоа беше легитимно демократско изјаснување, при што општеството го изрази своето мислење и тоа е она за што ние работиме, изјави портпаролот на Меј пред новинари во Лондон, јави БТА.
Изборната комисија изврши темелна истрага на трошоците и кампањите спроведени од Воут Лив (Vote Leave) и БиЛив (BeLeave) – друга група за поддршка на Брегзит на референдумот за членството на Велика Британија во ЕУ во јуни 2016 година, и „најде значителни докази дека двете групи работат по заеднички план, не ја откриваат нивната заедничка работа и не ги почитуваат законските ограничувања за трошење на средства (во кампањата)“.
Воут Лив (Vote Leave) го надминала лимитот за расходи со околу 565.000 евра, информира Комисијата и додаде дека веќе ги предала документите на полицијата.
– Од самиот почеток на истрагата Vote Leave одби да соработува, ги отфрли барањата за средба со нејзини претставници и бевме принудени да ги употребиме нашите законски овластувања за да ја натераме да поднесе докази. Независно од тоа, откривме јасни и суштински докази, соопшти Комисијата.