Рускиот претседател Владимир Путин доцнел на состаноците со голем број светски лидери, вклучувајќи ја и денешната средба со претседателот на САД, Доналд Трамп во Хелсинки, кој го чекал 55 минути.
Доцнењето на Путин е легендарно. Известувачите од Кремљ редовно го чекаат по неколку часови, бидејќи средбите ретко почнуваат навреме.
Убедливо најдолго го чекала германската канцеларка Ангела Меркел, која во 2014 година минала четири часа и 15 минути во исчекување на рускиот колега, а причина за тоа било што Путин се задржал во Србија, каде присуствувал на воената парада.
Следен „рекордер“ по чекање на Путин е некогашниот украински премиер Виктор Јанукович, кој во 2012 година гледајќи во часовникот поминал четири часа, а по него следува поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, кој во 2009 година три часа го чекала рускиот лидер.
Исто толку време го чекал и белорускиот претседател Александар Лукашенко и јапонскиот премиер Шинѕо Абе.
Пред три години, седницата на Генералното собрание на ОН доцнела еден час и 20 минути, чекајќи го Путин да се појави.
Околу еден час го чекале папата Франциско и индискиот премиер Нарендра Моди. Поранешниот американски претседател Барак Обама го чекал 40 минути, а најдобро поминала британската кралица Елизабета Втора, која морала да го почека само 14 минути.
Путин доцнел и на почетокот од својот мандат. На средбата со англиската кралица во 2003 година доцнел 14 минути, а една година претходно, родителите на загинатите деца во авионска несреќа го чекале на гробишта два часа.
Тој во 2012 година доцнел три часа на средба со тогашниот државен секретар на САД, Џон Кери во Москва, кој шетал низ Црвениот плоштад се додека не добил „зелено светло“ од Кремљ.
Досега не е забележано дека некој лидер се откажал од средба со Путин и покрај острите критики на сметка на неговото доцнење.
Имајќи предвид дека рускиот претседател не доцни ниту една минута кога се во прашање прес-конференции и телевизиски дуели, со што покажува дека е способен да се појави навреме, се наметнува претпоставката дека неговото доцнење на состаноците е намерно и има за цел создавање психолошки ефект врз соговорникот.
Неговата поранешна сопруга Људмила потврди дека Путин доцнел и многу порано пред да стане претседател на државата.
– Јас никогаш не сум задоцнила, но на Владимир тоа му беше навика. Негово вообичаено доцнење е еден час и половина. Се сеќавам дека во една прилика го чекав во метро. Првите 15 минути доцнење се во ред, половина час и некако. Но кога помина еден час, а него се уште го немаше, тогаш почнував да плачам, истакна Људмила.