Во Египет се појави нова опозициска група, „Црн блок“, која се претставува како заштитник на демонстрантите во борбата против владеењето на исламистите.
„Црн блок“ истакнува дека е подготвена да употреби сила во борба против исламистите кои во минатото ги напаѓаа демонстрантите, како и против полицијата, која насилно ги потиснува протестите.
„Ние сме Црн блок. Тежнееме кон ослободување на народот, искоренување на корупцијата и соборување на тираните”, се вели на видео снимката со која се објавува формирање на групата, а која во четвртокот е поставена на интернет.
„Ние се создадовме за да се спротиставиме на фашистичкиот тирански режим на Муслиманското братство и неговото воено крило”, се вели на снимката и се предупредува полицијата да не се меша или „Црниот блок“ ќе одговори без двоумење.
Група на маскирани млади мажи се појавуваше последните пет дена меѓу демонстрантите во судирите со полицијата ширум Египет.
Во текот на денешните протести во Каиро, мажите со скриени лица, опколувајќи ги запалените полициски возила на плоштадот Тахрир, славеа, покажувајќи со прстите буквата В (V) во знак на победа.
Појавата на оваа група предизвика загриженост дури и кај опозицијата, која стравува дека тие би можеле да предизвикаат одмазда на исламистите.
Исламистите поддржувачи на претседателот Мохамед Морси го искористија појавувањето на групата за да ја окарактеризираат опозицијата како насилна сила која ја уништува земјата.