Бугарскиот министер за образование, млади и наука Сергеј Игнатов беше принуден денеска да поднесе оставка поради скандалот околу наводната злоупотреба на средства од државниот фонд за истражување, соопшти бугарската Влада.
– Премиерот Бојко Борисов побара од министерот за образование, млади и наука Сергеј Игнатов да поднесе оставка поради откриените неправилности во бугарскиот научен фонд, се наведува во владиното соопштение.
Владата побара истрага откако научниците се пожалија на распространетата корупција во државниот фонд и злоупотреба на парите наменети за истражувачките и развојните проекти. Откриени се 60 случаи на финансиска нерегуларност. И директорот на Фондот Христо Петров денеска поднесе оставка.
Научниот фонд во 2012 година имаше буџет од 23,5 милиони евра.