Германската канцеларка Ангела Меркел денеска од Самитот за Западен Балкан во Лондон се заложи за приближување на западнобалканските земји кон ЕУ, нагласувајќи дека регионот треба „да се опреми“ со европска перспектива.
Меркел нагласи дека таа е целосно посветена на европерспективата на регионот и покрај противењето на некои членки на ЕУ на брзо проширување на блокот.
Германската канцеларка нагласи дека главна цел треба да биде зајакнување на врските во регионот на Западен Балкан, што ќе биде можно преку „изградба на инфраструктурата, економска соработка и размена на млади“,
Претходно и Европската комисија порача дека Самитот за Западен Балкан во Лондон докажува оти Европската Унија продолжува да ја зајакнува соработката со регионот со јасна посветеност и конкретни мерки, фокусирајќи се на три клучни обласи на соработкате – економијата, безбедноста и помирувањето.
Во обраќањето на Самитот во Лондон високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини истакна дека изминативе години „сите заедно работевме на приближување на регионот кон ЕУ во политичка, економска и безбедносна смисла“.
– И видовме значителни резулататите и решавање на најтешките билатерални прашања. Западниот Балкан сигурно чекори напред. Денеска одново потврдуваме дека заедно со регионот на тој пат ја делиме посветеноста кон заедничката иднина, нагласи Могерини, која на Самитот во Лондон ја претставуваше Европската унија.
Покрај Могерини, како претставници на ЕУ на Самитот присуствуваа и еврокомесарите за проширување и соседска политика и за безбедност, Јоханес Хан и Џулијан Кинг.
На Самитот во Лондон учествуваше и македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев.