Британската Влада денеска ја одржа својата прва седница, по вчерашните оставки на двајцата клучни поборници на излегувањето на Велика Британија од Европската унија – министерите за надворешни работи и Брегзит, Борис Џонсон и Дејвид Дејвис.
Премиерката Тереза Меј претседаваше со новиот состав на Владата, во кој местото на Џонсон го зазема Џереми Хант, а тоа на Дејвис – Доминик Раб.
Според германската новинска агенција ДПА, Меј засега успеала да ја стабилизира Владата, а дури успеала да одвои време за да и изрази поддршка на англиската фудбалска репрезентација пред утрешниот полуфинален натпревар со Хрватска на Светското првенство во Русија.
Единствениот преостанат истакнат поддржувач на Брегзитот, кој се уште е во Владата, министерот за екологија Мајкл Гоув, изјави дека 100 процентно стои зад Меј и зад предлогот што таа го претстави во петокот на средбата на владиниот кабинет во резиденцијата Чекерс.
Токму планот од Чекерс ги предизвика оставките на Дејвис и Џонсон, како и на низа пониски функционери во Владата. Џонсон предупреди дека со овој план, идејата за Брегзит умира, а дека Британија ризикува да стане колонија на Европската унија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој е на пат кон Брисел каде треба да учествува на Самитот на НАТО пред да ја посети Велика Британија, изјави дека Борис Џонсон е негов пријател и дека можеби ќе се сретнат во Лондон.
– Тој секогаш беше многу љубезен кон мене, многу ме поддржуваше и можеби ќе разговарам со него додека сум таму, изјави Трамп, дополнително подгревајќи ги шпекулациите дека Џонсон може да се кандидира да ја замени Меј на премиерската позиција.
Еден од најчитаните британски весници „Сан“ ја обвини премиерката Меј дека направила сериозни грешки во низа и дека ја довела Конзервативната партијата и земјата во состојба на хаос.
Меј лани свика предвремени парламентарни избори, надевајќи се дека ќе поентира во услови на поделеноста во опозициската Лабуристичка партија, но гласачите на изборите го намалија мнозинството на конзервативците во Парламентот, што дополнително ја ослабна позицијата на Меј во тешките преговори со Брисел.