(ВИДЕО) Заев: Кинеските компании се подготвени да учествуваат на тендери

Од:

Драго ми е што конечно кинеските компании се подготвени да учествуваат на тендери, а не по пат на преговори во четири очи, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Софија, каде учествува на 7. Самит на шефови на влади од процесот на соработка на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа.

Овој значаен собир, рече, ги потврди големите инвестициски можности што стојат на располагање преку евтините кредитни линии наменети за целиот регион од кинеските банки преку процесите Патот на свилата и Иницијативата 16+1.

– Ќе ја искористиме оваа значајна можност заедно со министрите да претставиме неколку капитални проекти што се од патната и железничката инфраструктура на кои може да воспоставиме соработка, но и ќе ја искористиме оваа прилика да ги зголемиме можностите за унапредување на културната соработка помеѓу Република Македонија, НР Кина и земјите од ЦИЕ, нагласи Заев.

Како што информира владината прес-служба, на пленарната сесија Заев им соопшти на премиерите дека во март се отвори Центарот за координација на културната соработка на земјите од Источна и Централна Европа со НР Кина. Овој Центар, според него, е одлична можност за промоција и унапредување на соработката и за зацврстување и продлабочување на релациите меѓу земјите во областа на културата, што има централна улога во унапредување на меѓусебното разбирање и продуктивниот дијалог.

Република Македонија во септември ќе биде домаќин на 5. Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина на Тинк Тенк организации, а во 2019-та ќе го организира 4. Состанок на министри за културна соработка кој произлегува како наша обврска од процесот 16+1.

– Со Народна Република Кина оваа година навршуваме 25 години од воспоставувањето дипломатски релации и во тој дух ја искористив приликата да ја изразам нашата безрезервна благодарност за поддршката што ја добиваме од Кина и ја потенцирав цврстата заложба за продолжување на плодната соработка. Убеден сум дека од овој Самит ќе произлезат многу нови иницијативи и идеи кои ќе ја зацврстат и унапредат соработката, како и поврзувањето и комуникацијата меѓу граѓаните од нашите земји, истакна премиерот Заев.

На еднодневниот Самит во Софија, Заев беше придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада