На 5-ти јули, четврток, во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток од 20 часот, ќе се отвори самостојна изложба на ликовниот уметник Иван Ивановски.
Во серијата цртежи и слики насловени „Симптоми“, според кураторката Јованка Попова, Ивановски го третира себството како темелно конструиран субјект, создаден и одржуван од мрежи на културни, историски, интелектуални и морални дискурси, кои ги манифестираат односите на моќ во капиталистичкиот поредок.
Неговите протагонисти, обезглавени, обезличени, претопени во масата, подредени, исклучени, осакатени тела, се жртви на низа бирократски и општествени транзиции, кои се обидуваат да се наметнат од работ на општеството, од каде што има малку надеж за бегство. Процесот на обезличување е симптом на несовршената логистика и логика на современите неолиберални општества, во насока на промовирање на апстракција и празнење од каква било содржина на политичка и социјална акција. Лишени од политичка содржина, фигурите на Ивановски се симптом на денешницата обележана со инерција, повторување и ретроспектива, во согласност со влијанието на масовните медиуми, кои манипулираат со нашите фантазии. Истите се олицетворение на пасивен субјект изоставен од секаков простор каде што се случува активност, вон доменот на културата, уметноста, теоријата и конечно политиката.
Оттука, со цел да ги нагласи спецификите на различностите, Ивановски го отфрла идентитетот како фиксна категорија, ги негира воспоставените идентитетски одредници, во потрага е по инаков третман на антииндивидуализмот, и признава единствено желби, интереси и идентификации манифестирани преку мноштвото варијации на формата, цртежот и бојата.
Оттука, прашањата што ги поставува Иван, не инсистираат на идентитетот зацртан во рамки на постоечки поредок, туку поврзани се со трансформација, проток и процес на постанување. Трансформацијата во неговите дела ја вклучува употребата на формата и бојата како јазик, еднакво поетски колку и емпириски.
На отворањето на изложбата музички перформанс ќе изведе авторот „Masculinity”.
Изложбата е поддржана од МКЦ Скопје и Министерството за култура.
Иван Ивановски e визуелен уметник, кој дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а се образува и на Академската програма за режија на Ф.А.М.У., Р. Чешка. Добитник е на наградата „Денес“, за млад ликовен уметник. До сега има реализирано 17 самостојни и повеќе групни изложби во Македонија и странство. Работи скулптури, цртежи, инсталации, слики и видео, филм и анимација. Дел од неговите филмови се претставени (и наградени) на различни регионални и интернационални филмски фестивали.