Седмото издание на „Струмица опен фестивал“ почнува вечерва со Трка на келнери.
Овој настан е во рамките на оф програмата и прв од дваесетте што ќе се реализираат годинава.
– „Струмица опен фестивал“ е манифестација која секоја година вклучува голем број сегменти од културата, со настани од областа на поезијата, сликарството, фотографијата, театарот и филмот. Годинава го претставуваше проширениот концепт со кој во Струмица ќе има настани цел лето – од 4 јули до 26 август, рече Томи Печков, од организаторот на фестивалот, Здружението „Културно завабен живот“.
Во оф програмата организаторот нуди повеќе програмски содржини, меѓу кои највпечатливи се вечерите на поезијата и афоризмите, летната школа за гитара, која ја води Влатко Стефановски, како и за прв пат организирање на полумаратонска трка, со која ќе биде затворен Седмиот „Струмица опен фестивал“ на 26 август.
Следниот настан е на 9 јули. Тогаш треба да се одржи „Вечер на поезија“.
Главната фестивалска програма ќе се одржи од 10 до 19 август со настапи на фестивалските ѕвезди-српските пејачки Лепа Брена и Марија Шерифовиќ, потоа Тамара Тодевска, Владо Јаневски,Тони Цетински, Пата Пата Рекордингс, Виктори бенд, Афишал, Црвена Јабука, Дубиоза колектив, Саша Ковачевиќ и Астра-ион пројект.