Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, по церемонијата во Милано за одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од холокаустот, иzјави дека фашистичкиот лидер Бенито Мусолини, кој беше на чело на Италија од 1992 до 1943 година, направил многу добри работи, освен расните закони во духот на антисемитизмот.
– Расните закони претставуваат најлоша грешка на Мусолини, но тој, од друга страна, направи прилично добри работи во многу други сфери – истакна Берлускони. Во 1928 година режимот на Мусолини усвои декрет наречен „расни закони“, со што се воведени мерките на дискриминација и прогон на италијанските Евреи.
Кога германскиот нацистички режим ја окупира Италија за време на Втората светска војна, илјадници луѓе од малата еврејска заедница во Италија беа депортирани во концентрационите логори. Берлускони застана во одбрана на Мусолини поради сојузот со Адолф Хитлер.
– Покојниот фашистички лидер веројатно сметаше дека Германија како сила ќе доживее експанзија, па затоа би било добро Италија да се здружи со Германија – посочи Берлускони. Неговата изјава веднаш предизвика реакции. Европската пратеничка на Демократската партија, Дебора Серакијани изјави дека е дегутантно на Денот на сеќавање на жртвите од холокаустот Берлускони да ги брани акциите на диктаторот што ја вовлече Италија во Втората светска војна.
Италијанскиот премиер Марио Монти, кој присуствуваше на церемонијата во Милано, наведе дека опасноста од антисемитизмот и натаму е многу присутна. Мораме да бидеме многу внимателни и да се погрижиме жариштата што од време на време оживуваат, да не доведат до трагедија каква човештвото повеќе не смее да доживее, истакна Монти.