Репрезентацијата на Шпанија „ја прегази“ Данска со најубедливата победа во финалните натпревари на сите времиња со 35:19, и стана Светски шампион во ракомет прв пат по 2005!
Одличното прво полувреме на шпанските ракометари, ефикасната игра во нападот и цврстата одбрана, седум контранапади со пет реализации, за разлика од противникот кој немаше ниту една контра, резултираа со 18 дадени и само 10 примени голови што беше преголем предизвик да се избегне поразот дури и за европскиот првак Данска.
Вториот дел почна со гол за Данска по што следуваше серија од 8:0 за домашната селекција. Во 35.минута семафорот за првпат покажуваше двоцифрена разлика 21:11, а во 40.минута шпанските ракометари имаа 26:11. Катастрофата не ја сопре ниту тајм-аутот земен од данскиот селектор во раната фаза на второто полувреме. Највисоката предност за Шпанија изнесуваше плус 18 во 54.минута кога резултатот беше 33:15.
Шпанците до трофејот на првенството на кое беа домаќини остварија биланс од 8 победи и само 1 пораз. Ист таков ефект имаат и Данците, но поразот, за разлика од Шпанија која го претрпе во групната фаза, ги чинеше златен медал.
За Шпанија ова е втор златен медал од Светските првенства по триумфот во 2005 година. Бронзениот медал го освои Хрватска откако вчера во „малото финале“ ја победи Словенија со 31:26.
И Македонија учествуваше на овој шампионатот и заврши на 14.место. Следното светско првенство ќе се одржи по две години во Катар.