Поради коцка и комар од мене зедовте пари, а денеска зборувате за патриотизам, му рече првиот човек на владата, Зоран Заев, на пратеникот Крсто Јовановски, кој претходно од говорницата го обвини СДСМ дека е предавник.
„Сета ваша ништожност покажува каков карактер сте. Вие кои ја уништивте Македонија, вие ќе зборувате за вредности и државност. Со сите аморални аспекти се осмеливте безобразно да зборувате и да навредувате. Колку и да сте актер не ви дава право. Вбризгувате омраза во народот“, рече Заев.
По обраќањето на Заев следеше ракоплескање, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги опомена да се воздржат од навреди.
„Го штитиме интегритетот на институцијата. Никој нема право од говорница да навредува, донесовме кодекс, па поведете процедура. И мене ме навредувате, но нема врска, за слобода на говорот си има одговорност“, рече Џафери.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, искоментира дека и досега имало навреди кон премиерот, Владата и министрите, но ова е првпат премиер да навредува пратеник.
Координарот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, возврати дека говорникот е должен да ги почитува Собранието и интегритетот на сите во законодавниот дом.
„Говорникот е должен да не користи навреди и да предизвикува омраза. Тешка повреда на кодексот е поттикнувањето нетолеранција, насилство и нетрпеливост. Имавме говор полн со сето тоа. Ние како пратеничка група ќе покренеме постапка согласност со Деловникот“, рече Тунтев говорејќи за обраќањето на Крсто Јовановски.
Галена Николовска-Ризвановиќ