Осумнаесет уметници од Македонија, Русија, Англија, Србија и Бугарија се дел од 27. Лесновска ликовна колонија, која традиционално се одржува во селото Лесново и ќе трае до 1 јули.
В.д. директорот на Домот на културата „Злетовски рудар“ во Пробиштип, Марија Трајчева, изјави дека и оваа година уметниците ќе работат во техниките акрил и масло на платно, а инспирацијата ќе ја црпат од прекрасниот предел на селото Лесново.
– Недопрената природа, карпестото опкружување, пештерите, старата архитектура на Лесновската куќа и нашиот светилник Лесновскиот манастир, кој секогаш е интересна мотивација и инспирација за сите уметници, рече Трајчева.
Очекува годинава да се создадат околу 40 уметнички дела, кои ќе бидат дел од богатата збирка на Домот на културата „Злетовски рудар“.
Како и во минатите изданија, делата од 27. Лесновска ликовна колонија ќе бидат презентирани во текот на годината низ градовите во земјава.