Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска реагираше на обвинувањата од Независниот синдикат за образование и наука дека колективните договори за основно и средно образование се неуставни и не важат за сите вработени во образованието.
Од СОНК на прес-конференција оценија дека претседателот на Независниот синдикат за образование и наука Томислав Гиевски манипулира со јавноста и најавија покренување пријава доколку тој не се извини за тврдењата дека СОНК се однесува манипулаторски.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков појасни дека колективните договори се потпишани меѓу СОНК и Министерството за образование и наука и важат за потписниците, но оти постои можност предвидена во Законот за работни односи со која и останатите синдикати може да пристапат кон користење на бенефитите од овој договор.
– Тој ги сака правата од договорот, но не сака обврски. Ако пристапувањето кон договорот регулира права, тогаш ќе има и обврски односно тој синдикат треба да си ги исполни обврските и да плати за тоа што ќе ги користи придобивките од колективниот договор, рече Неделков.
Според него, нерамноправно е бенефитите од колективните договори да ги користат и вработените кои плаќаат чланарина во синдикат и оние кои не одвојуваат ништо од своите плати.
Вчера, Независниот синдикат за образование и наука најави поведување на иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на одредени членови од колективните договори за основно и средно образование. Оттаму обвинија дека колективните договори важат само за членовите на СОНК.