Би-Би-Си Њуз
Договорот за името на Македонија не ги покрива сите нерешени прашања на Балканот – границите продолжуваат да бидат голем проблем.
Годината 2018 може да биде впишана „со златни букви” во поновата историја на Балканот. Тоа е година, која може да донесе решение на два меѓународни спора, кои се појавија како последица од распаѓањето на Југославија.
Договорот меѓу Скопје и Атина, новото име на Македонија да биде Република Северна Македонија, ќе ја извлече од „ќор-сокакот” во процесот на пристапување во Европската унија и НАТО.
До конечното решавање на спорот, парламентите на Грција и Македонија останаа да го ратификуваат договорот помеѓу двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
Но, парламентот беше арена на најголемите судири на уште еден конфликт на Балканот, решен оваа година. Дури и на денот на гласањето во март оваа година, салата на косовскиот парламент четирипати беше исполнета со солзавец, фрлен од пратениците од опозициското движење / Самоопределување.
Тие не успеаја да ја спречат ратификацијата на Договорот за границата меѓу Косово и Црна Гора постигнат во Виена во 2015 година.
И во овој случај беа неопходни „стапот и морковот” – договорот беше изгласан кога во парламентот дојде американскиот амбасадор Грег Делави, а Европската унија го стави решавањето на тој спор како услов за визна либерализација.
Сепак, некои спорови се уште чекаат на решение.
Косовското прашање
Србија не го признава едностраното прогласување на независност на Косово, а наддавањата за бројот на земји кои го признаваат независно Косово, се постојани.
Од ова суштинско прашање произлегуваат и многу други, кои се далеку од решение: прецизното одредување на административната линија (како што ја нарекува Белград), или границата (како што ја нарекува Приштина), името, прашањето за општините во северно Косово, членството во меѓународни организации.
Преку разни иницијативи и со разни посредници, претставниците на Србија и Косово преговараат на највисоко ниво повеќе од 12 години.
Европската унија го покрена прашањето за односите меѓу Србија и Косово во Поглавјето 35 од преговорите за членство на Србија, отворено првпат за потенцијална земја-членка.
Границата меѓу Србија и Хрватска
Белград и Загреб веќе 15 години не успеваат да се договорат за дел од границата на Дунав.
Додека Србија вели дека границата треба да биде на средината на реката, Хрватска се залага за почитување на границите на катастарските општини.
Особено спорни се два дунавски острова – Шаренградски и Вуковарски.
Темата беше повторно покрената на последната средба на шефовите Александар Вучиќ и Колинда Грабар Китаровиќ во февруари 2018 година, кога беше определен неофицијален рок за преговори од две години и беше одлучено ако дотогаш нема договор, да се прибегне кон арбитража.
Засега дури нема информации дали делегациите, кои треба да преговараат, се дополнети со нови членки.
Границата меѓу Србија и Босна и Херцеговина
Хидроцентралите на Дрина, Баина Даша и Зворник, како и железничката линија Белград-Бар, која поминува низ Босна и Херцеговина 12 километри, се клучните точки на спорот околу границата на двете соседни земји.
Проблемот се јавува и внатре во Босна и Херцеговина, каде што Република Српска би се согласила со српскиот предлог за размена на територии, додека муслиманско-хрватската федерација се уште не е подготвена да го стори тоа.
Границата меѓу Босна и Херцеговина и Хравтска
Двете земји имаат илјада километри долга граница дефинирана со договорот потпишан во 1999 година од страна на претседателите Алија Изетбеговиќ и Фрањо Туѓман.
Договорот, сепак, беше ратификуван само во Сараево, никогаш не беше потврден од Загреб.
Клучно е прашањето за излез на Босна и Херцеговина на морето во градот Неум, затоа што Хрватска вели дека и припаѓаат два мали острови во областа.
Проблематична е и изградбата на мостот Пелешац, кој започна без „благослов” на Сараево, а има за цел да ја поврзе територијата на Хрватска и со автомобилски пат да го заобиколи босанскиот излез на Јадранското Море.
Официјално Сараево се противи на изградбата на овој мост поради стравот од затворање кон отвореното море.
Границата меѓу Црна Гора и Хрватска
Прашањето за полуостровот Превлака има привремен одговор.
Пред 16 години комисиите на двете држави се согласија копното и дел од морскиот појас да и припаднат на Хрватска, а остатокот од морската зона да биде „ничие море”.
Привременото решение е се уште во сила, а долго време нема преговори за трајно решение.
Границата меѓу Словенија и Хрватска
Прашањето за Пиранскиот залив (како што го нарекува Словенија), или Савудриска Вала (како што го нарекува Хрватска), е модел кој сите балкански и европски земји го посочуваат како негативен пример за решавање на прашањето за границите на Балканот.
Продолжени со години, преговорите не доведоа до резултат и конфликтот и послужи на Љубљана извесно време да го блокира процесот на пристапување на Хрватска кон Европската унија.
Не помогна и прибегнувањето кон меѓународна арбитража, бидејќи Хрватска излезе од неа, тврдејќи дека процесот е компромитиран од словенечките обиди да се влијае на одлуката на судот.
Одлуката на Арбитражниот суд во Хаг од јуни минатата година, со која Словенија доби три четвртини од Заливот и излез на море, не беше прифатлива за Хрватска и нејзината делегација дури не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.
Следуваше пораст на тензиите поради наметнувањето на казните на рибарите, кои одеднаш се најдоа во „погрешни” територијални води, и следеше размена на остра дипломатска реторика.
Границата меѓу Албанија и Грција
Тирана и Атина се расправаат за морската граница во Јонското Море.
Еднаш веќе беше постигнат договор во 2009 година, но Уставниот суд на Албанија го укина, бидејќи локалната опозиција докажа дека Албанија изгубила 225 квадратни километри територијални води.
Во мај 2018 година, преговорите повторно беа иницирани со прелиминарен состанок во Тирана.