Изминативе десет дена, од 18 до 28 јуни, во Гевгелија престојуваа 14 уметници од САД, Грција, Бугарија, Србија, Германија, Франција и Македонија кои создаваа дела во рамки на 17. издание од Меѓународната ликовна колонија „Аполонија 2018“.
Нивните дела, кои од синоќа се претставени на традиционалната изложба, се работени во масло на платно, акрил и скулптура кои по затворањето на изложбата ќе станат дел од богатиот фонд на организаторот, Фондацијата „Аполонија“.
Изложбата ја отвори уметничкиот селектор и учесник на колонијата, академскиот сликар Драги Хаџи Николов од Гевгелија кој во своето обраќање им се заблагодари на гостопримството на организаторите и на мештаните од селото Ума каде три дена учесниците на колонијата престојуваа со цел да насликаат икона која потоа ја подарија на селската црква „Свети Пантелејмон“.
– Од година до година расте квалитетот на создадените дела на оваа колонија,но исто така расте и бројот на учесници кои доаѓаат на оваа колонија од сите страни на светот.Тоа претставува потврда дека ликовната колонија во Гевгелија го оправдува својот меѓународен карактер,рече Хаџи-Николов.