Уметниците од земјава и странство ги создаваат делата во Прилеп

Од:

Шесте уметници-скулптори од Шпанија, Србија, Хрватска, Црна Гора и од Македнија интензивно работат на создавањето на своите дела, скулптури во мермер во кругот на Мермерскиот комбинат, а во рамките на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.

Уметниците веќе трет ден работат, а денеска ги посети и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Скулпторот Татијана Каравелиќ доаѓа од Белград, Србија и е првпат учесник на Симпозиумот во мермер.

– Првпат учествувам на колонијата во Прилеп. Луѓето се приемчиви и гостољубиви. Во Мермерскиот комбинат имам одлични услови за работа. Моето дело е современа форма која ќе содржи геометриски елементи, вели Каравелиќ.

Марина Стопоња е академски скулптор од Загреб, Хрватска и ужива кога работи со прилепскиот бел мермер.

– Мило ми е што сум во Прилеп, зашто веќе 20 години во мојата работа го употребувам токму овој бел мермер. Работам на скулптур-циклус насловени „Перници“, па на овој симпозиум имам слична фигура. Опкружувањето со сиот тој камен за мене е како во рај. Атмосферата е одлична и секогаш ќе наидете на луѓе од целиот свет, вели Стопања.

Милија Стојановиќ е од Подгорица, Црна Гора. Џузепе Страно Спиту доаѓа од Шпанија, иако е по потекло Италијанец.

– Првпат сум во Македонија. Инаку, досега имав прилика да работам со прилепскиот мермер и ми е еден од најомилените материјали. Атмосферата е одлична. Осмислив скулптура во мој стил со модерен облик и ја продолжувам мојата серија дела на една тема, вели Стојановиќ.

– Ова е ново искуство за мене. Прилепскиот мермер е одличен за работа, рече Џузепе Страно Спиту.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски смета дека 55- годишниот јубилеј што годинава го одбележува Симпозиумот во мермер е импозантен факт за делата што се создаваат и за уметниците што учествувале досега.

– Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп ја нуди најстарата ликовна работилница на овие простори, а 55-годишниот јубилеј на Симпозиумот во мермер укажува на бројните дела кои се создадени и на уметниците кои учествувале. Работата на Центарот го засужува вниманието, зашто сите овие децении се создадени бројни дела кои се културно наследство. Чест е да бидете во друштво со уметниците од цел свет, а посебно е задоволството што Прилеп е како отворена галерија, рече Јованоски.

Перикле Николау, генерален менаџер на Мермерскиот комбинат им посака добредојде на уметниците кои секогаш ќе ја имаат поддршката на компанијата.

– Им посакувам добредојде на уметниците кои ќе работат во Симпозиумот во мермер, а 55-годишниот јубилеј е импозантен. Мермерскиот комбинат безрезервно го поддржува Сипозиумот. Прилепскиот бел мермер е единствен и нуди можности за посебни уметнички дела. И кога уметничката имагинација и кретивност се поврзат, тоа е фасцинантно, вели Перикле Николау.

Горан Ристески, претседател на здружението „Центар за современа ликовна уметност“ од Прилеп, нагласи дека лани ликовната колонија одбележа 60 години постоење, а годинава Симпозиумот во мермер 55 години и досега се создадени околу 200 скулптури.

– Благодарност до сите учесници во Симпозиумот во мермер кои во 55 години создадоа околу 200 уникатни дела-скулптури, од кои 120 се монументални, парковски формат кои се изложени во Прилеп, Битола, во Скопје и во другите градови. Центарот за современа ликовна уметност, Прилеп и државата се гордеат со збирката дела. Уметниците десетина дена ќе творат и ќе создадат нови дела кои ќе го збогатат непроценливото културно наследство, а интересот за учество на Симпозиумот постојано е голем од уметниците од целиот свет, вели Ристески.

Во рамките на Центарот за современа ликовна уметност до 4 јули 30-ина уметници од земјава и странство ќе ги создаваат своите дела во вкупно пет работилници: во Интернационалната ликовна колонија, Симпозиумот за мермер, Ателејето за пластика во дрво, Интернационалналното ателје за скулптури во метал, работилницата за уметничка фотографија и витраж.

Работилниците се со поддршка на Министерството за култура и на Општина Прилеп.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп

Две деца од Прилеп здобиле изгореници откако пламнал пожар во нивната куќа

Горан Наумовски