Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ бара да се зајакнат идентитетот и припадноста на етничките заедници во Република Македонија. Од таму велат дека во новата преамбула на Уставот тие треба да бидат определени како: Севреномакедонски Албанци, Северномакедонски Власи, Северномакедонски Срби, Северномакедонски Роми, Северномакедонски Турци, Северномакедонски Бошњаци и други.
„Зоран Заев, еден од генерацијата најинвентивни и најкреативни кадри, постојано повторува дека со новото уставно име Република Северна Македонија ќе сме го зајакнале нашиот македонски идентитет!? Кога е веќе толку настојчив во убедувањето, му даваме шанса во овие историски моменти да не биде егоистичен и истата шанса да им ја понуди и на припадниците на етничките заедници во нашата држава. Потребно е неговата широкоградост да ја покаже на дело и да се обиде да го зајакне нивниот идентитет и припадност поради нивната здушна и безрезервна поддршка на неговите постапки и политики“, сметаат од фракцијата.
Имено, велат од таму, согласно со договорената промена на преамбулата на Уставот на Република Македонија му предлагаме реченицата „граѓаните кои живеат во Република Македонија, а се делови од албанскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, турскиот народ, бошњачкиот народ и другите” во новата преамбула на Уставот на Република Северна Македонија да бидат определени како: Северномакедонски Албанци, Северномакедонски Власи, Северномакедонски Срби, Северномакедонски Роми, Северномакедонски Турци, Северномакедонски Бошњаци и други”.
„Ова го бараме поради фактот што граѓаните на една држава и во победите и во поразите мора да бидат сложни и единствени, а успесите и дебаклите мора и треба да ги поднесуваат солидарно и подеднакво. Само на тој начин ќе ја зајакнеме нашето заедништво и соживот и вербата дека се грижиме и мислиме еден за друг. Од друга страна, тоа ќе придонесе во меѓународната јавност припадниците на овие заедници полесно да се идентификуваат како припадници на државата во која живеат“, се вели во соопштението.