Центарот за стари лица во виничкото село Истибања ќе прерасне во клуб за активно стареење со што ќе се стави во функција на околу 250 стари лица.
Постапката за негово трансформирање е веќе започната како дел од пилот проект што го спроведуваат Министерството за труд и социјална политика, Македонската платформа против сиромаштија и хуманитарната организација „Хуманост“.
– Наша цел е да започнеме да го реализираме Мадридскиот план за активно стареење со што, за разлика од досега, постојните центри ќе добијат план и програма за работа, со што покрај вообичаеното дружење и меѓусебни контакти, на старите лица ќе им обезбедат можности за соодветни активности. Всушност, го преземаме искуството од Босна и Херцеговина каде веќе се имплементирани и има поволни искуства од функционирањето на центрите за активно стареење, истакна Сашко Јованов од хуманитарната организација „Хуманост“.
Македонската платформа против сиромаштија го реализира проектот за прераснување на центрите во клубови за активно стареење со поддршка од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Во првата фаза од пилот програмата за трансформација, покрај Виница одбрана е и општината Чашка, а по почетното искуство од функционирањето на клубовите ќе се оди на втора фаза во која ќе бидат опфатени и другите општини во Македонија.