Генералниот секретар на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија, Стерја Димов, денеска изјави дека државните институции се „слепи и глуви“ за потребите на лицата со оштетен вид, потенцирајќи ја нужноста за потпишување и ратификување на Маракешкиот договор, со што на слепите лица ќе им биде овозможено основното човеково право, правото на читање.
– Секојдневно се обраќаме до државните институции за потребата од достапна литература за слепите лица, како и за сите останати нивни потреби. За Маракешкиот договор се бориме веќе пет години да биде потпишан и ратификуван. Генерално, институциите за нашите барање се „слепи и глуви“, истакна Димов, на тркалезната маса „Достапна литература за лицата со оштетен вид, значење на Маракешкиот договор“.
Тој посочи дека и покрај тоа што државните институции се запознаени оти земјите членки на Европската унија донеле одлука во скоро време да биде потпишан и ратификуван Маракешкиот договор, тие немаат преземено никакви чекори.
– Не се потребни големи средства за да им се обезбеди достапна литература од сите области на слепите лица, потребна е само голема волја за тоа да се спроведе, објасни Димов.
Генералниот секретар на НССРМ посочи дека досега се изработени околу 400 дела, наменети за слепите лица, што ни одблиску не е доволно.
– Со Маракешкиот договор, покрај останатото, на лицата со оштетен вид ќе им се овозможат и сите потребни материјали за образование, наведе Димов.
Претставникот на Сојузот на слепите од Црна Гора, Горан Мацановиќ информираше дека состојбата со регулирањето на потребите на лицата со оштетен вид во земјите од Западен Балкан е слична како во Македонија, наведувајќи дека со Маракешкиот договор на слепите лица ќе им се овозможи достапна литература од сите области, како и поголема размена на дела меѓу слепите лица од исти говорни подрачја.
– Над 90 отсто од сите објавени материјали, не можат да бидат прочитани од страна на слепите лица бидејќи ги нема во аудио-издание или изработени со Брајовото писмо, наведе Мацановиќ.
Договорот од Маракеш за олеснување на пристапот до објавени дела од лица со оштетен вид беше потпишан во Мароко на 28 јуни 2013 година. Тој е потпишан од страна на над 60 земји, а досега е ратификуван во 38 земји.