Во Македонија илјадници тони безбедна храна завршува на депониите, додека 450.000 луѓе во нашата земја не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на еден ден. Оттука, вишокот храна од бизнисите ќе се донира преку граѓански организации на социјално загрозени граѓани.
За таа цел ќе се одржи отворен ден за вклучување на волонтери во системот за донирање на вишок храна , кој ќе се одржи на 27 јуни (среда) од 17 часот во CEED Hub на улица Руѓер Бошковиќ 18 (бараките на Машински факултет).
„Доколку сакате да помогнете со донирање на вишокот храна, можете да се вклучите според вашите можности и интереси: пренос на храна, храната треба да биде пренесена од донатор кон граѓанската организација (со или без ваше возило), како и преку наоѓање на нови организации, односно помагате во вклучување на нови бизниси со вишок храна и граѓански организации кои имаат потреба од истата“, соопштуваат од „Ајде Македонија“.
Сите заинтересирани што сакаат да се вклучат во системот треба да ја пополнат апликацијата на овој линк и ќе бидат поканети на информативен состанок. За дополнителни информаци, контакт преку [email protected] или на Фејсбук страната. „Сите сити“ е систем за донирање на вишокот храна поддржан од Швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот Корпус, Националниот Демократски Институт и Публицис.