Изворните музички инструменти во Македонија се важни за зачувување на нејзината културна традиција, а кемането е еден од најпознатите во источниот регион на државата и потребно е да се обучуваат млади луѓе за изработка и музицирање на овој инструмент.
Ова е главниот заклучок од семинарот за кемане што се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, во соработка со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје ,
Етноимузиколозите Родна Величковска и Горанчо Ангелов, како и фолклористот Драги Атанасов, кои беа предавачи на семинарот, истакнаа дека со отворањето на одделот етнокореологија на Музичката акдемија во Штип им се овозможува на младите да го изучуваат и кемането.
– На сите музички академии во Русија веќе знаат за кемането и за изворната музика што е карактеристична за Осоговијата. За жал, кај нас се помал е бројот на инструменталисти на кемане, бидејќи младите се одлучуваат да свират на кавал, тапани, гајда и други народни инструменти, а еден од најкарактеристичните инструменти како да останува подзаборавен, рече етномузикологот Горанчо Ангелов, кој е и пофесор на Музичката академија во Штип.
Освен музицирањето, важен сегмент во зачувувањето на кемането како инструмент е и неговата изработка.
– Моето долгогодишно искуство во изработката на кемане, го пренесувам и во нашиот ансамбл каде обучуваме неколку дечиња, а едно од нив веќе го изработи и ги извлече првите акорди од него. Се надеваме дека ќе привлечеме и други млади лица кои ќе сакаат да се научат како се прави овој благороден инструмент, за да го спасиме од заборавот на времето, рече Драги Атанасов, раководител на фолклорниот ансамбл „Мугри“ од Кочани.
Семинарот за кемане се реализира со поддршка од Министерството за култура, а освен во Кочани се планира да се организира и во неколку други градови во државата.