Во обид да изгради компромис на европско ниво околу несогласувањата на земјите членки на ЕУ за справување со мигрантите и бегалците кои пристигнуваат во Унијата, Европската комисија, иако извесно време негираше дека постои таква опција, денеска потврди дека во оптег се „регионални излезни шеми“ со земји надвор од ЕУ.
Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, во пресрет на мини самитот в недела и главниот ЕУ самит идната седмица, се разгледува земји од Северна Африка да прифатат „регионални излезни шеми“.
– Разгледуваме заедно со Меѓународната организација за миграција (МОМ) и УНХЦР како понатаму да ги ангажираме земјите од Северна Африка во можностите за излезни шеми, ова би било комбинирано со доброволни враќања и би ја зголемила можноста за релокализација во Европа, изјави Аврамопулос.
Еврокомесарот порача дека ЕК сака да ја „интензивира“ соработката со Алжир, Египет, Тунис, Мароко, и Нигер, а дека за возврат би добиле „материјална поддршка“ за заштита и управување на границите. Тие би требало да спречат мигранти и азиланти да заминат на бродови кон ЕУ.
Запрашан за „други видови центри“ надвор од ЕУ, но на европска територија, комесарот одлучно се спротистави на оваа идеја.
– Што се однесува до етаблирање други центри во Европа, јас сум против европски Гвантамо за мигранти, тоа е против нашите вредности, и тоа не е нешто што го предложивме, изјави комесарот.
Еврокомесарот одбегна прецизно да одговори на новинарско прашање како ЕК ќе се осигура дека тие излезни „шеми“ во Северна Африка нема да се претворат во европски Гвантанамо, посочи дека луѓето кои би се нашле во тие центри нема да биде препуштени сами на себе туку дека УНХЦР и МОМ ќе работат со нив и со засегнатите земји или на релокализација во Европа или на доброволно враќање во земјите од каде тие дошле тие бегалци. Центрите би фунцкионирале во „целосна почит на меѓународното право“, рече Аврамопулос.
Сепак, комесарот призна дека досега ниту една северноафриканска држава не изразила желба да прифати такви центри на своја територија.
– Ниедна земја досега не изразила желба, но тоа треба да се дискутира, за сега нема официјален предлог на маса, слушнавме разни мислења но ништо конкретно, додаде комесарот.
Неодамна во јавноста излезе нацрт документ со предлог од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, што треба да биде ставен на маса на Самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни.
Останува дека миграцијата несомнено ќе биде најгорливото и најтешкото прашање за лидерите на ЕУ на претстојниот Самит и дека компромис се уште не е на дофат, со оглед на дијаметрално спротиставените ставови на повеќе групи земји членки.
Италија, која во последните години го носи најголемиот дел од товарот во смисла на пристигнувања на мигранти е решена да спречи нови пристигнувања во отсуство на солидарност од другите членки, додека земјите од источна Европа не сакаат да прифатат мигранти.
ЕК денеска побара да престанат „игрите на обвинувања“ и потсети дека европската политика мора да се заснова на солидарност.
– Доколку не најдеме излез, ќе влеземе во зона на огромни потешкотии кои можат да го поткопаат европскиот проект и Шенген зоната, предупреди Аврамопулос.
Во обид да изнајде компромис помеѓу членките, Комисијата денеска понуди неколку области околу кои земјите членки „треба да се обединат“ идната недела.
Комисијата препорачува да се изградат заеднички системи на азил во ЕУ и со тоа да се избегнат „секундарни движења“ односно мигрантите да патуваат од една земја во друга откако ќе стапнат на ЕУ територија. ЕК бара од земјите членки исто така да се однесуваат „посериозно“ кон фондовите етаблирани со трети земји, како што има во Африка, и со тоа да се третира „коренот“ на миграцијата. За тоа, вели Аврамопулос земјите членки треба да придонесат „најмалку 500 милиони евра“ за фондот со Африка. ЕК бара од земјите членки најбрзо што е можно да ја одобрат и новата транша помош за договорот со Турција.
За крај и со цел да се зајакнат надворешните граници на ЕУ, ЕК ќе предложи ново законодавство за етаблирање „вистинска“ европска гранична полиција со соодветни овластувања, изјави Аврамопулос.