Министерот за надворешни работи на Либерија, Гбезонгар Милтон Финдлеј, му предаде денеска на првиот потпретседател на српската Влада и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, нота за повлекување на признавањето на независноста на Косово, додека трае дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Во нотата се наведува дека Либерија ја признала независноста на Косово врз основа на сознание дека Белград не е подготвен да преговара за решение со Косово.
– Се води дијалог меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ. Имајќи го тоа предвид, беше само соодветно Либерија да заземе став, кој овозможува решение за граѓаните на Србија и Косово. Во согласност со тоа Либерија го поништува своето признавање на Косово. Таа одлука останува во сила се до завршување на разговорите и преговорите под покровителство на ЕУ, се наведува во нота.