Договорот за името на ратификација пред пратениците

Од:

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја започне седницата на која на дневен ред е Предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името, по скратена постапка. Очекувањата се дека ратификацијата на договорот во Собранието ќе се случи до крајот на неделата.

Пратениците на денешната седница ќе се изјаснат за потребата за донесување на законот за ратификација на договорот. Имајќи предвид дека законот е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка, се очекува доколку денеска биде прифатена потребата за неговото носење веднаш да биде закажана седница на Комисијата за европски прашања. Комисијата ќе има два дена односно до среда на полноќ за разгледување на договорот. Откако ќе помине на Комисијата, Предлог-законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде финално ратификуван.

За ратификација потребно е обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери вчера во изјава за МИА кажа дека очекува до петок договорот за решавање на спорот за името да биде ратификуван од страна на Парламентот и тој да биде пратен кај претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Според информациите на МИА, од вчера се веќе почнати консултациите во пратеничките групи за дејствувањето на седницата иако ставовите на нивните партии се веќе познати во јавноста.

Вчера доцна попладне координација одржа пратеничката група на СДСМ и коалицијата, додека денеска пред седницата координација ќе одржи и пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Партиите од владејачкото мнозинство предводени од СДСМ и ДУИ се очекува да гласаат „за“ ратификација на договорот, а вчера поддршка за договорот изразија и пратениците од опозициските партии на Албанците од Беса и Алијансата на Албанците.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека пратеничката група ќе одржи координација пред седницата на која ќе договорат како ќе дејствуваат, но дека нивниот став ќе биде во согласност со најавите од партијата. Очекувањата се дека тие нема да го поддржат договорот имајќи ги предвид изјавите на нивниот лидер дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени за промена на уставното име.

По донесувањето од страна на Парламентот договорот треба да биде испратен до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише.

Претседателот на државата во своето неодамнешно обраќање кажа дека нема да го поддржи ниту да го потпише договорот за спорот за името, кој според него, е штетен.

Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Роковите за ратификација на договорот течат ако се знае дека веќе следната недела треба да се одржи седница на Советот на ЕУ, од која Македонија очекува датум за почеток на преговори.

Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните беше усвоен вчера на владина седница.

Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас во неделата во Псарадес, на грчката страна на Преспанското езеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Нема да успеат, Србија нема да застане

Брнабиќ: Погазувајќи го достоинството на Собранието, се радуваат оние кои не сакаат просперитетна Србија

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет