Демонстрантите кои синоќа протестираа пред Собранието реагираат дека полицијата прекумерно употребила сила врз нив, како и дека без потреба биле растерувани со шок бомби и солзавец. Учесниците во протестите се жалат дека меѓу нив имало и жени со мали деца, како и повозрасни граѓани кои биле повредени од шок бомбите. Меѓу повредените е и актерката Арна Шијак која завршила во болница со повреди на двете нозе. Во видео порака објавена на Фејбук страната на неформалната организација „Сите за унитарна Македонија“, Шијак обвинува дека полицијата фрлала шок бомби за да ги уплаши граѓаните да не протестираат повторно.
„Не бев единствена повредена, ние не добивме никакво предупредување од полицијата дека ќе следи напад или нивна реакција по проценување. Седевме во Жена-паркот кога шок бомба падна пред моите нозе. Полицијата ова го направи намерно за да предизвика повреди и страв кај луѓето“, вели Шијак.
Од МВР велат дека полицијата постапила согласно проценката на состојбата на терен и ги презела сите мерки и активности за да се спречи понатамошно нарушување на јавниот ред и мир. Толпата ,според МВР била насилна и се обидела да влезе во Собранието, откако ја турнала заштитната ограда. Оттаму негираат дека била употребена прекумерна сила.
-Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите, од кои голем број маскирани, насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието, вели портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
За време на вчерашниот протест биле повредени десет полицајци, а седуммина побарале лекарска помош. Полицијата привела 26 демонстарнти меѓу кои имало и петмина малолетници.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови праваа ги осудија насилствата од страна на демонстрантите врз полицајците, а реагираат и на прекумерна употреба на хемиски средства врз граѓаните што протестираат, за што најавуваат и пријава до Одделот за вантрешна контрола во МВР.
Галена Николовска – Ризвановиќ
