Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја поздрави одлуката на Италија да не му дозволи на бродот со спасени африкански мигранти, да влезе во италијанско пристаниште и рече дека тоа покажува желба „најпосле“ да се заштитат морските граници.
Италија планира да ги префрли мигрантите на други бродови и да ги испрати во Шпанија, и покрај повиците на групи за хуманитарна помош, на мигрантите веднаш да им биде дозволено да се симнат на копно.
– Беше многу обесхрабрувачки со години да слушаме дека заштитата на морските граници е невозможна. Во Италија се враќа силата на волјата, рече Орбан на прес-конференција.
Портпаролот на француската Влада Бенжамен Гриво изјави дека активностите на италијанските власти кон бродот „Аквариус“, кој е блокиран на отворено море, се цинични и неодговорни. На владина седница претседателот на Франција Емануел Макрон истакнал дека повеќе од 600 лица на „Аквариус“ се во драматична хуманитарна ситуација и се повикал на морското право дека при катастрофа одговорност за примање на бродот кој доживеал несреќа презема најблискиот брег, рече Гриво.
– Не станува збор за создавање на преседан кој утре ќе и дозволи на европска земја да им се спротивстави на своите партнери. Треба да покажеме солидарност, нешто што Италија не го направи, рече тој.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, ја повика Италија да го преиспита одбивањето и да ги прими мигрантите од „Аквариус“, кој е блокирани кај Сицилија, поради растојанието кое бродот треба да го помине за да стигне до Шпанија.
– Невладината организација соопшти дека времето за пристигнување до Валенсија ќе биде предолго со оглед на хуманитарната ситуација на бродот, рече Ле Дриан пред пратениците.
– Бродот е на 25 наутички милји од сицилијанскиот брег и на 27 милји од Малта, и затоа сериозно инсистираме италијанските власти да го преиспитаат својот став, изтакна шефот на француската дипломатија.