Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“ – Битола, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и локалната самоуправа почнува со реализација на комунални проекти во потпелистерјето со кои ќе се решава загаденоста на водите на Баба Планина.
Според Методи Силјановски, директор на ЈКП „Нискоградба“-Битола, со отпочнувањето на комуналните проекти во потпелистерјето јасно и недвосмислено се потврдува желбата за решавање на проблемот со загаденоста на водите кој необјасниво долги години е запоставуван.
-Нашите екипи почнуваат два покрупни комунални проекта, односно изградба на фекална канализација за селото Лавци, со средства обезбедени од Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање и вториот проект, дел од колектор за прифаќање на фекалните води од Националниот парк „Пелистер“, почнувајќи од хотелот „Молика“, потоа Детско одморалиште „Пелистер“, селата Трново и Магарево, се до поранешната живинарска фарма каде е планирана изградба на пречистителна станица, изјави Силјановски и додаде дека со овој зафат се потврдува дека ќе го решаваме проблемот со загаденоста на водите кој долго време е запоставуван.
На барање на СВР-Битола и општина Битола, ЈКП „Нискоградба“ се подготвени за интервенции и во градското подрачје, на сообраќајниците во овој град.
– Дел од улиците во градот треба веднаш да се санираат и ние сме подготвени да извршиме крпење ударни дупки на коловозот, но паралелно ќе вршиме поставување вертикална сообраќајна сигнализација, сообраќајни знаци на локации посочени од СВР-Битола, како и оградување тротоари со заштитни столбови кои општината сака да ги заштити од несовесни возачи, кои паркирајќи ги оштетуваат тротоарите, а воедно го попречуваат движењето на пешаците, појасни Силјановски.
Согласно програмата за работа на локалното ЈКП „Нискоградба“-Битола, во овој период од годината се врши и редовно чистење на сливници, улични решетки и шахти.