Францускиот европратеник, Ален Ламасур, им порача на новинарите дека дебатата за исклучувањето од Европската Народна Партија на партијата на контроверзниот унгарски лидер, Виктор Орбан „нема да се случи пред европските избори“.
Барањето го изгласа пред неколку дена партијата ЦДА, холандската членка на ЕПП, која побара Фидес да биде исклучена доколку не стане повторна „респектабилна“ партија.
Реакцијата на Холанѓаните дојде по одлуката на унгарската влада да ги гони кривично невладините и хуманитарните организации кои се занимаваат со заштита на правата на бегалците и мигрантите.
Меѓутоа, откако шпанскиот демохристијански премиер, Мариано Рахој, ја изгуби власта по изгласаната недоверба од страна на Парламентот, ЕПП размислува тактички, и нема намера во моментов дополнително да ризикува да губи членови, брифираат извори во оваа политичка група. Традиционалната десница стравува дека доколку го исклучи Орбан, тој би се здружил со поекстремните десничарски партии, кои се сѐ побројни, но и посилни, во европските држави, како на пример италијанската Лига или полската партија ПиС.