УНЕСКО: Мора да се најде баланс меѓу развојот и заштитата на природните реткости

Од:

Статусот на Охрид и Охридското Езеро како светско културно и природно богатство заштитено од УНЕСКО не е доведен во прашање, но мора доследно и во целина да се спроведуваат препораките на Комисијата на светската организација кога се во прашање одредени проекти и градежни зафати.

Тоа го посочи Синиша Шешум, шеф на регионалната канцеларија на УНЕСКО со седиште во Сараево на денешната средба „Спроведување на акции /мерки според одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО“ на претставници на Министерствата за култура на Македонија, Албанија и Црна Гора одржана во Охрид, свикана со цел да се дефинираат насоките на натамошна заедничка соработка во заштитата и развојот на Охридскиот регион, согласно стандардите и препораките на УНЕСКО.

Притоа претставникот на УНЕСКО појасни дека до декември оваа година македонските власти ќе треба да ги достават сите спроведени активности во насока на заштита на Охрид и Охридското Езеро како заштитени подрачја на УНЕСКО.

– Станува збор за 18 препораки што до тој рок треба да се исполнат. Не се работи тука само за проблеми од прекумерна урбанизација, од неконтролиран развој, патни и железнички траси, некакви големи туристички ресорти. Tука има проблеми со управување, со планска документација. Постојат проблеми, но тие не се нерешливи. Она што мора да се стори е да се утврди временска рамка со стратегија и акциски план за решавање на проблемите на соодветен начин. Практично да се средат сите работи, да се доведат во ред и да се почне од нула, оттаму што ние од УНЕСКО го воочивме последните години е зголемување на бројот фактори што неповолно влијаат врз областите заштитени од УНЕСКО, рече Шешум.

Инаку, што се однесува на проширувањето на зоната на заштита на охридскиот регион и на албанската страна од Охридското Езеро, во тек е процес на евалуација во рамки на самата Светска организација за заштита на природни и културни вредности.

Министерот за култура Асаф Адеми истакна дека соработката со соседна Албанија е добра и успешна во сите аспекти од заеднички интерес, а тука е и соработката во насока на прогласување и на албанскиот дел од поширокиот регион на Охридското Езеро како светско природно богатство заштитено од УНЕСКО.

Заменик-министерот за култура на Албанија Валбона Шујаку од своја страна појасни дека државните власти во Тирана веќе го имаат изготвено досието со номинација за проширување на локалитетот на Охридското Езеро и на албанска страна, со очекувања дека после доаѓањето на Мисијата на УНЕСКО предвидена за септември годинава, во текот на 2019 година да добијат позитивен одговор на барањето за прогласување и на албанскиот дел од езерото за историско и природно наследство заштитено од УНЕСКО.

Пратеникот Томислав Тунтев, како охриѓанец и член на неформалната пратеничка група „Пријатели на Охрид под УНЕСКО“ во свое име изрази задоволство од стореното досега во овој краток период во насока на заштита на природното и културното наследство во охридскиот регион како добро од исклучителна универзална вредност.

– Владата на РМ веднаш по преземањето на власта ги стопира дискутабилните пет проекти што всушност беа причина да почне Охрид да биде актуелен во УНЕСКО и да дојде во прашање неговиот статус. Тие проекти се целосно стопирани, ќе се врши нивна ревизија, сигурно ќе се спроведува и стратешка оценка на влијанието на тие проекти врз животната средина, нагласи Тунтев.

Тој потсети на иницијатива на парламентарното мнозинство дека првпат после многу години организирана е надзорна расправа за Охрид и заштита на неговото културно и природно наследство.

– Иницираме измена на Законот за управување со културното и природното наследство во охридскиот регион, од кој треба да произлезат подзаконски акти што се од есенцијално значење за заштитата на Охрид, а тоа се планот за управување со природно наследство, планот за управување со културно наследство, инвентар на елементи на природно и културно наследство, донесување на урбанистичките планови за 19 урбани комплекси во Старото градско подрачје, стратешки оценки на влијанија врз животната средина. Од друга страна се обидуваме како законодавна власт да вршиме притисок врз извршната власт сите релевантни функционери и институции чија дејност има врска нашето културно и природно наследство, најсериозно да ја сфатат работата, да ја подигнеме и свеста кај јавноста да се сфати значењето што го има Охрид не само за градот, туку и за Република Македонија како национално богатство, па и пошироко како светско природно и културно наследство, истакна Тунтев.

Би можело да ве интересира

Зголемен ризик за загадување, прекумерен риболов и урбанизација на Охридскиот регион и езерото

Охридското крајбрежје заробено од непознати изведувачи – Левица со барање за инспекциски надзор

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Ковачевски во УНЕСКО: Северна Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам