Симпозиум за менаџмент во уметноста (Arts Symposium) ќе се одржува денеска и утре во Скопје, организиран од Амбасадата на САД во Македонија, во соработка со Министерството за култура и „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје.
Како што наведува „Локомотива“, на семинарот ќе присуствуваат околу осумдесет културни работници и експерти од Македонија. Главни говорници ќе бидат гости од САД: Авива Розентал – заменик-директор од Канцеларијата за меѓународна соработка од музејот „Смитсониан“ во Вашингтон, Филип Хорн – поранешен извршен директор на Советот за уметност од Пенсилванија и Ален Наус – актер и некогашен директор на Театарот на уметниците во Портланд, Орегон.
– Целта на овој симпозиум е да овозможи платформа за размена на искуства и знаења за успешно менаџирање со културни институции во земјата. Програмата е наменета за менаџери во уметноста кои се стремат кон понатамошен развој на своите лидерски, менаџерски, финансиски и организациски вештини. Таа ќе обезбеди алатки за креирање, развој и евалуација на културните програми и како и најдобри практики за транспарентност и раководење, соопшти „Локомотива“.
Симпозиумот ќе обезбеди и локална експертиза за градење средина која ќе ја поддржи филантропијата и корпоративната општествена одговорност и за правната рамка за градење на јавно-приватни партнерства.