Со Референдум кој е закажан за во недела Бугарија ќе одлучи дали земјата има потреба од нова нуклеарна централа. Според последните анкети за јавното мислење, мнозинството граѓани ќе ја поддржат изградбата на втората нуклеарна централа во земјата.
Референдумот се однесува на обновување на проектот врзан со нуклеарната централа Белене, во северниот дел на земјата. Проектот е во застој поради недоразбирања меѓу Бугарија и Русија, чија компанија „Атомстројекспорт“ требаше да изгради нуклеарна централа со капацитет од 2.000 мегавати. Спорот се однесува на конечната цена на проектот, кој пак се очекува да изнесува меѓу 6 и 11 милијарди евра. Бугарскиот премиер Бојко Борисов, со цел да најде нов инвеститор, го раскина договорот со руската компанија, која за отштета од 1.3 милијарди долари се обрати до Меѓународниот суд за арбитража во Париз.
Се очекува мала излезност на референдумот, што може да го стави под прашање кредибилитетот на гласањето, а според анкетите меѓу 60 и 62 проценти од гласачите ќе го дадат својот глас за изградба на нуклеарна централа, наспроти 38 до 40 проценти кои се против ваквата идеја.
Доколку 20 проценит од граѓаните излезат на референдум и над половина од нив се изразат за изградба на нуклеарна централа, бугарскиот парламент ќе треба во рок од три месеци да го разгледа ова прашање.