Општина Центар им додели признанија на 13-годишните Петар Тодоровски, Ведран Лауренчиќ и Мила Кочевска, кои пред два дена спасија патник во градски автобус, кому му се слошило и колабирал за време на возењето.
Вчера на настан во паркот во Капиштец, организиран од општината, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ им се заблагодари на тројцата ученици во ОУ „Кочо Рацин“ за нивната храброст и пожртвуваност и им ги додели признанијата.
„Особено сум горд што имам можност да им изразам почит и признание на нашите херои, кои вчера помогнаа да се спаси еден човечки живот. Признание за нивната хуманост, храброст и пожртвуваност. Тие треба да бидат пример за сите деца, а и за нас возрасните“, изјави Богдановиќ.
„Секој треба да знае како се пружа прва помош затоа што не се знае кога ќе ви притреба за да помогнете некому, а можеби и да спасите човечки живот. Најважно е да не се паничи, да се остане присебен, но и да се знае што е најважно да се направи при вакви случаи, вели Ведран Лауренчиќ.
Интересна коинциденција е што трите деца се враќале од натпревар по прва помош кога се случи настанот во автобусот со број 57. Тие забележале дека на еден од патниците не му е добро при што му кажале на возачот да запре и со помош на дел од возрасните го извадиле надвор од автобусот.
Применувајќи го своето знаење го спречиле да го голтне јазикот и му ја преврзале главата од каде крварел по што пристигнало амбулантно возило кое го однело повредениот човек на скопските клиники.