Грчката полиција разби криминална мрежа која уредувала фиктивни бракови со граѓани од трети земји, објави денеска електронското издание на грчкиот весник „Етнос“.
Во случајот се вмешани 173 лица, меѓу кои седум адвокати, двајца преведувачи, двајца општински службеници и еден државен службеник.
Во вторникот во полициска операција во неколку градови во земјата се приведени единаесет членови на групата, меѓу кои девет Грци и двајца странци. Се трага по уште пет лица.
Мрежата дејствувала од 2010 година кога го озаконувала статусот на граѓани на трети земји преку склучување бракови со грчки државјани или граѓани на други земји-членки на ЕУ. За услугата имигрантите плаќале меѓу 700 и 7.000 евра.
Според полицијата досега се склучени 68 бракови при што се планирано склучување на други 79.